Во руски ракетен напад загинаа најмалку четири лица во Лавов во најголемиот напад врз цивилната инфраструктура на градот во западна Украина откако Русија ја нападна земјата, соопштија украинските власти.
Претседателот Володимир Зеленски објави едноминутно видео на интернет, на кое се гледаат згради со уништени делови од покривите и горните катови, скршени прозорци и спасувачи, кои бараат преживеани во урнатините.
Најави дека ќе има одговор.
„За жал, има ранети и загинати. Сочувство до семејствата. Дефинитивно, ќе има одговор на непријателот. Тоа ќе биде забележливо“, рече Зеленски на апликацијата за пораки „Телеграм“. Тамошното МВР процени дека бројот на загинати е четворица, а ранети се 32 лица, меѓу кои и едно дете. Спасувачите продолжија да работат на местото на настанот.
Итната помош соопшти дека успеале да спасат седум лица од урнатините, а евакуирале уште 64 лица. Градоначалникот Андриј Садови го нарече најголемиот напад во војната што трае повеќе од 16 месеци врз цивилната инфраструктура во Лавов, град кој е далеку од бојното поле и на 70-ина километри од границата со Полска, членка на НАТО.
Лавов беше град со речиси 700.000 жители пред руската инвазија во февруари 2022 година. Населението се зголеми од почетокот на војната бидејќи многу луѓе избегаа во градот од борбите и воздушните напади во другите делови на земјата. Украинското воено воздухопловство соопшти дека Русија го нападнала Лавов со ракети „Калибр“, лансирани од Црното Море.
Седум од 10 проектили се вели дека биле соборени. Оштетени се неколку станбени куќи, деловен центар, студентски кампус и училиште, тврди украинската страна.