Покрај тоа што им овозможува на студентите да учат, библиотеката „Макс ван дер Штул“ во Тетово служи и како еколошки пункт каде што тие можат да бидат одговорни граѓани. Во оваа библиотека се собираат пластични капачиња од шишиња кои потоа се рециклираат, а собраните средства, пак, се наменети за хуманитарни цели. Повеќе за ова ви носиме во вечерашната епизода на „Шорткат.“
Во вестите за млади информираме за најновото околу уписите во средно, како и за проблемите што родителите и наставниците ги имаат со електронскиот дневник во училиштата.
„Прво почнавме да ги собираме капачињата само од читателите во библиотеката, а потоа преку подигање на свеста кај студентите почнавме да имаме поддршка и од студентите кои не се редовни во библиотеката, но и тие почнаа да ги носат тука капачињата. Соработувавме со неколку основни училишта, најредовни се учениците од училиштето „Лирија“, со средното училиште „Маариф“, со бифето на УЈИЕ, тие редовно ги носат сите капачиња што се собираат во библиотеката“, нагласи Абдулахи.
„Цел на проектот, покрај подигањето на свеста за потребата од заштита на животната средина, е и приходот собран од капачињата. На почетокот проектот беше „едно капаче, една надеж“ а со приходите беа купени колички за децата со посебни потреби. По завршување на тој проект, сега продолжува следниот проект „секое капаче вреди“, и со приходите од овие капачиња се реновираат педијатриските одделенија во болниците во Северна Македонија. Ова е еден многу благороден проект во кој активно учествуваме од 2019 година“, вели Абдулахи.