Основците од денес на распуст!

Започнува распустот и за основците во учебната 2022-2023 година, која ја обележаа недостигот на учебници за дел од учениците и губењето часови поради дојавите за поставени бомби во училиштата. Основците доучуваа бидејќи второто полугодие стартуваше неколку дена подоцна, откако зимскиот распуст беше продолжен со владина одлука.

За разлика од минатата година, која ќе остане запаметена по тоа што околу половина од основците, односно оние од прво, второ, четврто и од петто одделение останаа без учебници, МОН ветува дека проблемот ќе биде решен со почетокот на следната учебна година.

Од МОН стигна и информацијата дека годинава учениците навреме ќе ги добијат свидетелствата.

Во пресрет на уписите во средните училишта, пак, министерот Шаќири, деновиве упати апел до деветтоодделенците да се фокусираат на средното стручно образование, посочувајќи дека со ваква диплома полесно ќе може да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошно академско образование. Запишувањето на учениците во средните училишта за 2023-2024 ќе се врши на 20 и 21 јуни и на 27 и 28 јуни, преку порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk). Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во соработка со општините и со компаниите, во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.