Годинашната традиционална меѓународна манифестација „Празник на липите“ ќе се одржи во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија на 14 јуни, со почеток во 11 часот.
Манифестацијата вообичаено почнува со интерпретацијата на песната „Липа“ од Матеја Матевски, која годинава ќе ја прочита минатогодишната добитничка на наградата Книжевен жезол, поетесата Гордана Михаилова-Бошнаковска.
Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија свечено ќе ја отвори манифестацијата и ќе говори за поезијата на Новица Ѓуриќ, поет од Црна Гора, годинашен добитник на наградата Книжевен жезол за поетски опус.
Свеченоста ќе заврши со врачувањето на плакетите за наградите Празник на липите за најдобри творби на тема „Липа“, а годинашни добитници се Славица Дабевска-Ќировска, Михајло Свидерски и Трајче Кацаров.