Од денеска престана да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со што повторно стапи во сила Законот за акцизи. Тоа придонесе Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да ги намали малопродажните цени на горивата.
Со укинувањето на дополнителната акциза за горивата која беше воведена како мерка за време на вонредна состојба, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалија за два денара за литар, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтини за 13 денари, додека малопродажната цена на мазутот остана на исто ниво.
Затоа РКЕ донесе одлука од денеска ЕУРОСУПЕР БС – 95 да се продава за 61 денар на литар, ЕУРОСУПЕР БС -98 за 63, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 52,5, екстра лесно масло за домаќинство 1 (ЕЛ-1) за 41,5 денари за литар, а цената на мазутот М-1 НС остана 30,823 денари за килограм.
Со тоа РКЕ всушност изврши усогласување на претходната одлука за цената на горивата, што беше донесена во понеделникот, со Законот за акцизи кој од денеска повторно стапи на сила.