Струмичани во текот на вчерашниот ден излегоа на протест на градскиот плоштад и испратија порака „Вратете ни го воздухот чист“.
Додека надвор загадувањето со ПМ 10 честички беше речиси двапати над дозволеното, граѓаните побараа редовна и континуирана контрола на индустриските капацитети во попладневните и вечерните часови и да се прави запис за реагенсите што се користат при работата. Покрај ова, побараа и засилена контрола на депонијата кај селото Добрашинци, но и да се стави крај на сечата на дрвја на планината Еленица и струмичките ридови.
„Овој проблем се провлекува повеќе години наназад и сите сме свесни за тоа, но во последните три години веќе ескалира и сериозно го загрозува животот на граѓаните на општина Струмица. Преку овој апел сакаме да изразиме поддршка и ги охрабриме надлежните органи да направат поголеми напори за да се реши овој горлив проблем што не засега сите, бидејќи правото на живот е фундаментално, основно човеково право и никој нема право да го загрозува“, истакнаа жителите на вчерашниот протест.
Утрово, пак, мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат дека загадувањето е најприсутно во Тетово, по што следува скопската општина Центар и Битола.
Фото:Дрнка.мк