Премиерот Зоран Заев се приклучи на акцијата за чистење во основното училиште „Панојот Гиновски“ во скопската општина Бутел.
„Преку оваа акција сакаме да дадеме позитивен пример, да дадеме сигнал на граѓаните. Целосно ја разбираме реакцијата на граѓанските организиции за чиста животна средина и чист воздух. Имаме волја да се справиме со овој проблем, за кој ништо не беше направено со години. За прв пат се обезбедуваат посебни буџетски средства за загадувањето. 10 милиони евра ќе се доделат за инвертер климите за граѓаните кои ќе го променат начинот на греење. Исчистени се 300 илјади тони отпад од депониите и за 50 отсто е зголемено зеленилото“, рече премиерот Зоран Заев.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, заедно со 30-ина вработени, чистеа кај гаражата „26 јули”.
Министерката за правда, Рената Дескоска, пред почетокот на денешната акција за чистење на претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев му ја подари златната метла која на Министерството му ја подарија граѓански организации. Дескоска рече дека метлата не е многу амортизирана. Потоа Здравев му ја подари на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев.
Тука сме сите од министерството за одбрана, Генералштабот и Армијата од касарната Илинден, да го средиме просторот околу касарната бидејќи касарната е веќе чиста, напиша министерката за одбрана Радмила Шекеринска во опис на видеото кое го објави на Фејсбук.
Вработените во Собраниетого чистеа просторот околу собраниската зграда, како и делот кај Домот на АРМ и улицата „Даме Груев“.Отпадот што беше собран, вработените во Собранието го селектираа на пластичен и на друг отпад во посебни ќеси за смет.
Припадниците на скопската противпожарна единица денеска организирано го чистеа делот на кејот на Вардар во скопската населба Аеродром.
Во соработка со екипите од градските јавни претпријатија, како и соодветните стручни служби сметот што беше собран беше дистрибуиран на соодветни локации.