Mинистерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски истакна дека се соочуваме со силен бран на Ковид-19.
Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, прво болницта во Козле, каде има 40 кревети, каде има кадар засилен со колеги од Инфективната клиника. Уште две одделенија се подготвуваат во градската болница „8 Септември“ со кадарот кој работи таму. Исполнети се болничките инфективни одделенија во другите градови, рече Филипче.
Филипче истакна дека Владата на денешната седница преку усвојување информација ќе го овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор за набавка на лекот „Ремдесивир“ и освен преку СЗО тој од следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка.
Тој истакна дека се обезбедија дополнителни капацитети и број на тестови во повеќе институции.
За зголемениот број на починати, Филипче рече дека 85% од нив имале хронични болести, но дека и доцна се јавуваат на доктор.
Во петок пак, се очекува да стигне и најавената помош од 60 респиратори и лична заштита од НАТО.
![](https://akcent.mk/wp-content/uploads/2020/10/screenshot_20201026-151204_facebook-1024x752.jpg)
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, истакна дека утре се отвораат нови простории, во Институтот за јавно здравје, со што ќе се убрза процедурата за тестирање од Ковид-19.
Караџоски исто така се осврна на, како што рече тој, нападите врз него и неговата фамилија како и на останатите членови во комисијата, за што потенцираше дека ниту тој ниту било кој од комисијата не се збогатиле од членувањето во Комисијата за заразни болести. Тој истакна дека на оваа комисија е член од деведесетите години во континуитет и дека неговата работа во нејзи се заснова само на професионалност.