Работа од дома – како да се приспособиме на новата реалност

Пандемијата со коронавирусот донесе многу промени во нашите животи, вклучително и воведувањето на работењето од дома.

Покрај некои специфични работни места, многумина се свртија кон работа што не вклучува употреба на канцеларија, а оние кои треба да работат во неа се придржуваат до пропишаните мерки што вклучуваат физичко растојание, носење маски и ракавици, за да се спречи ширењето на вирусот за кој сè уште немаме лек.  Овие промени кај многу луѓе резултираа со прилагодувања кои влијаеа на менталното здравје, пишува „Indianexpress“.

Рутините на кои сме навикнати се чини дека сега се различни, а границите станаа нејасни. Значи, поединците сега имаат флексибилно работно време, така што тие работат помеѓу гледање на две епизоди од нивната омилена серија, додека го загрозуваат времето што го поминуваат со своето семејство и го занемаруваат времето што треба да си го посветат на себе.

Во текот на годината, многу луѓе работеа на балансирање дома помеѓу семејните и деловните одговорности, колегите, шефовите, децата, па дури и сопружниците.

Она што го гледаме е дека семејствата на некој начин се ограничени на простор што некогаш го нарекуваа само дом. Денес, тој дом е исто така и канцеларија.

Додека порано копнеевме за дома по напорниот ден во канцеларијата, сега откривме дека нашите деца не се ангелите за кои мислевме дека се, па едвај чекаме да одат на училиште.

Сите овие работи заедно може да резултираат во вознемиреност и несоница, хроничен замор, недостаток на концентрација, лутина или прекумерна употреба на лекарства.

На крајот на краиштата, може да се развие депресија. Затоа, треба да знаеме како да се справиме со притисоците на новиот начин на работа.

За почеток, секој од нас мора да биде свесен за важноста на менталното здравје. Треба да ја разбереме врската помеѓу физичкото и менталното здравје.

Важно е да се ограничи времето што го поминуваме пред екранот и на работа, да создадеме рутина и дисциплина.

Компаниите исто така мора да станат свесни дека менталното здравје никогаш не било поважно. Работните места се променети и треба да го прифатиме тоа и да живееме со тоа.