Граѓанските иницијативи, обединети како „Зелена револуција“, во одговорот на поканата упатена од премиерот Зоран Заев за состанок по масовниот протест против загадувањето што се одржа во петок, на 29 ноември во Скопје му порачаа дека во овој момент простор за нови средби со претставици на Владата се возможни само доколку Владата покаже конкретна волја за соработка со граѓаните.
„Затворете ги овие почетни барања и можеме да организираме средби и за сите останати. Вардариште би било одлична локација за првата средба, заедно, Вие, Вашите министри и советници, во живо и во присуство на медиумите да ги видиме условите, дивите населби и проблемите за кои постојано читате од нашите барања, но не сте ги виделе на терен“, ѝ порачуваат на Владата 29 граѓански здруженија со еколошки предзнак, кои заедно со Fridays for future – Скопје беа коорганизатори на петочниот протест – O2 Иницијатива, Не Биди ѓубре, Скопје смог Ааарм, Мој воздух, Движење за чист воздух, Eco Guerilla, Младите од Иловица и Штука, Охрид SOS, Анима мунди и други.
Прво на листата е барањето со указ од владата да се издејствува итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за некогашната депонија Вардариште, која со гоини претставува еколошка рак-рана на Скопје, а Владата да ги усвои и измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја и тие да влезат во Собраниска процедура.