Дали платите на граѓаните реално растат – реакции на партиите

Од владеачката СДСМ тврдат дека постои раст на платите во сите области и во јавниот и во приватниот сектор.

Оттаму велат дека за само 2,5 години минималната плата порасна на 14.500 денари, што е за 60 отсто повеќе во однос на 2017 година кога таа изнесуваше само 9.000 денари.

Спиралата на раст на платите предизвика покачување на просечната плата на 25.787 денари, што е за 1.239 денари повеќе отколку во ноември 2018 година и е речиси за 2.600 денари повисока отколку во ноември 2017 година. 32.000 граѓани вработени во образованието добиваат повисоки плати за 10 отсто.

1.170 вработени во Центрите за социјални работи, како што велат од СДСМ, добија историско зголемување на платите во просек за 4.363 денари по вработен.

Растот на платите продолжува, според СДСМ, веќе од февруари значително се зголемуваат платите во здравството. Лекарите специјалисти, медицинските сестри и техничкиот персонал добиваат ново зголемување на платите.

Како што истакнуваат тие, субвенционирање на придонеси од задолжителното осигурување искористиле над 20.000 компании или вкупно 106.000 вработени во приватниот сектор, а исто така го споменуваат и младинскиот додаток на плата од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство.

Реакција од опозицијата

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Македонија има еден од најниските стандарди за живот како во регионот така и во Европа. Над 500.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата додека секој трет во државата има проблем да обезбеди основна егзистенција.

Оттаму велат дека Заев и СДСМ не направија никакви суштински реформи за овие три години. Нема ништо од ветувањата за 500 евра плата. Граѓаните секојдневно тоа го чувствуваат на сопствениот грб со се поголемите покачувања на трошоците на живот и давачките.

Просветните работници не се задоволни, лекарите си заминуваат во странство заради лошите услови во здравството, домашните компании дишат на помошни апарати додека младите масовно се иселуваат, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според статистиката објавена од еминентниот економски магазин „Економист“, Македонија се наоѓа на третото место во светот по стапката на невработеност на младите луѓе од 15 до 24 години. Македонија една од земјите со најголема стапка на младинска невработеност. Младинската невработеност е највисока во Европа додека долгорочната невработеност кај младите луѓе изнесува преку 80% во одредени региони од државата.

Додека обичниот граѓанин страда, како што велат оттаму, СДСМ ги субвенционира газдите на фирмите. Законот за субвенционирање на придонесите за здравствено и социјално осигурување не функционира.