Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелира машиновозачите да продолжат со работа и истакнува дека е подготвен повторно да преговара со нив, но, како што вели, не по цена на уцени и нарушување и штета на работењето.
– Сакам да испратам сериозен апел. Треба да продолжат со работа, сите треба да се покажеме државно општествено одговорни затоа што секој застој таму на сите бројни проблеми што ги има 30 години во делот на долговите коишто ги имаат, да не се прават нови, бидејќи тоа е интерес и за државата и за нив, изјави Сугарески, коментирајќи го бојкотот на работата што од изутрина го почнаа машиновозачите, барајќи зголемување на надоместот на плата за квалитет поради зголемен обем на работа и недоволен број на персонал.
Како што дополни, директорот на Железницата го информирал дека утринските возови се тргнати, а очекува, како што вели, тоа да се случи и во текот на денот.
– Подготвен сум повторно да разговараме. И во мојот разговор вчера со нив укажав дека во делот на измени на систематизации секогаш и јас како ресорен министер и управниот одбор сме подготвени да преговараме, не по цена да има уцена и не по цена да се наруши и да се прави штета на работењето. Тоа е многу јасен одговор и затоа не гледам причина за каков било бојкот или штрајкови кои евентуално би се појавиле таму, рече Сугарески при посетата на зоната Визбегово.
Во Железницата, истакна тој, платите се исплаќаат навреме. Платата за декември е исплатена во целост, очекува тоа да се случи и со јануарската, а потсети дека имало зголемување за пет проценти при неодамнешното покачување во администрацијата.