Годинава по 68-ми пат ќе се одржи молитвениот појадок во Вашингтон, во организација на претседатеот на САД, Доналд Трамп.
Националниот молитвен појадок обединува повеќе од 3.500 гости, претседатели, премиери, политичари, претставници од бизнис секторот, верски лидери и истакнати личности кои зборуваат на различни политички и социјални теми.
Молитвениот појадок претставува најпрестижен политички настан во САД на кој доаѓаат врвни политичари од САД и целиот свет.
Гости од Македонија
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски заедно со прeтседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието Антонио Милошоски наредниве денови ќе бидат во работна посета на Вашингтон. Во рамки на посетата на Вашингтон ќе присуствуваат на молитвениот појадок во организација на Претседателот на САД, Доналд Трамп.
Николоски и Милошоски ќе се сретнат со Сенаторот Мајк Ли и конгресмените Мајк Дојл и Роберт Адерхолт. На средбите во Сенатот и Конгресот на САД Николоски и Милошоски ќе информираат за политичката состојба во Македонија, за криминалот и корупцијата како и за економското фијаско и уназадувањето на државата, но исто така ќе ги информираат соговорниците за плановите на ВМРО-ДПМНЕ, известија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ гостин на молитвениот појадок ќе биде членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев.
Богоев ќе има средби со повеќе конгресмени, како и со претставници од Националниот демократски институт (NDI) и Меѓународниот републикански институт (IRI).
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, истовремено и организациски секретар на Демократската Унија за Интеграција, ќе присуствува во Вашингтон, САД, со покана од Американскиот Конгрес.