Маж во Лондон прободе повеќе лица со нож, полицијата го застрела (ВИДЕО)

Британската полиција објави дека маж во јужен Лондон бил застрелан вчера од полицаец, во инцидент за кој велат дека бил поврзан со тероризам и во кој убиениот претходно прободел неколку лица.

Лондонската полиција потврди дека за време на нападот биле повредени три лица.

Исто така, потврдено е дека една од жртвите на нападот во јужен Лондон се здобила со тешки повреди.

„Вооружените полицајци застрелаа човек во Стрејтем [јужен Лондон]. Во овој момент, ние веруваме дека повеќе луѓе биле прободени со нож. Околностите сè уште се проценуваат, веруваме дека инцидентот е поврзан со тероризам“, напиша полицијата на Твитер.

Лажна експлозивна направа

Британската полиција соопшти дека тие верувале дека напаѓачот има врска со тероризмот, и објавија дека имал лажна експлозивна направа прикачена на телото.

Претходно, „Скај њуз“ објави дека човекот бил „под активен полициски надзор“, се вели во изјавата.

Очевидци објавија на социјалните мрежи дека слушнале три истрели од огнено оружје  и дека лекарите им помагаат на повредените.

Од брзата помош соопштија дека имало повеќе екипи на местото на настанот.

Според очевидци, на местото пристигнале најмалку девет амбулантни возила.

Реакциите на Џонсон и Кан

Британскиот премиер Борис Џонсон напиша на Твитер: „Благодарност до сите служби за итни случаи кои навремено реагираа на овој инцидент во Стрејтем, кој од страна на полицијата беше прогласен за терористички акт“.

„Мислите ми се со оние кои се повредени“, додаде тој.

Градоначалникот на Лондон Садик Кан изјави дека „терористите сакаат да нè поделат и да го уништат нашиот начин на живот“.

„Ние во Лондон никогаш нема да дозволиме да успеат“, додаде тој.

Првиот човек на британската престолнина на Твитер објави изјава во која им се заблагодарува на полицијата и на членовите на безбедносните и службите за итни случаи за нивниот брз и храбар одговор.