Италијански научници од Националниот институт за заразни болести го изолирале корона вирусот кој брзо се шири, објавија италијанските медиуми вчера, кога беше потврдено дека тој заразил повеќе од 14.000 луѓе во повеќе од дваесет земји.
„Ова е меѓународно значајна вест. Ова создава повеќе можности за разбирање и проучување на вирусот за да се спречи неговото ширење“, рече италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанза.
Институтот во Рим ќе ги стави на располагање овие резултати на други земји за да може истражувањето да продолжи. Експертите во светот веќе се во трка да ја развијат вакцината.
Со изолирање на вирусот, научниците во Рим добија чист микропробен примерок од заразено лице наместо да ги одгледуваат во лабораторија.
Научниците од Римскиот институт испитуваат и неколку случаи за кои се сомневаат дека се корона вирус. Два случаи се веќе потврдени во Италија, при што станува збор за кинези кои болеста ја пренеле од родната земја.
Научниците рекоа дека биле во можност да го изолираат вирусот во рок од 48 часа по дијагностицирањето, пренесува италијанската новинска агенција Анса.
Пред неколку дена, австралиските научници беа во можност да одгледуваат корона вирусот во лабораторијата.