Граѓаните се жалат за селективен пристап при работењето на полициски службеници

Често при моите теренски посети и средби, граѓаните се жалат за селективен пристап при работењето на полициски службеници, непостапување и чување предмети во фиока. Тоа се информации во кои како професионалец не сакам да верувам, но аргументите кои ги гледам за жал покажуваат дека истото не ретко се случувало. Веројатно во минатото некој имал политички, личен или друг интерес да го прави тоа, напиша министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Тој напиша дека согласно неговите надлежности ќе стави крај на таквото работење во министерството за внатрешни работи. Тој испрати порака дека ниту еден случај на злоупотреба на службената должност нема да остане нерешен или заборавен.

Одделот за внатрешна контрола има целосна поддршка од Чулев да биде на страната на граѓаните и да постапи по сите случаи каде има незаконско постапување од страна на полициските службеници или пак нивна инволвираност во било какви криминални активности.

Напоменав и ќе повторам дека застанувам на страната на секој чесен граѓанин на Република Македонија и секој чесен професионалец во редовите на Министерството за внатрешни работи, напиша Чулев.

Иницијативи за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против двајца полициски службеници

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и профисионални стандарди достави писмено известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција против полициски службеник, кој на 30.11.2019 во хотел во Скопје, додека не бил на должност, ги попречувал полициските службеници од ЕПОИ Алфа при преземањето на службените дејствија.

Полицискиот службеник, кој не бил на должност и бил во друштво со контролираните лица во хотелот, со своето однесување и давање совети на контролираните лица да не дозволуваат да бидат легитимирани и да не дозволуваат да им се изврши преглед на возилата, ги попречувал полициските службеници од ЕПОИ Алфа при преземањето на службените дејствија.

Во врска со истиот настан од 30.11.2019, на 15, 16 и 17.01.2020 од Одделот за внатрешна контрола, биле извршени проверки во Единица за насилен криминал СВР Скопје.

На наведениот датум биле упатени закани кон полициски службеници од ЕПОИ Алфа при СВР Скопје за што на 02.12.2019 се поднесени материјали за примање на пријава  „Загрозување на сигурноста“ во СВР Скопје од полициските службеници од ЕПОИ Алфа.

По извршените проверки и увидот во службените материјали, констатирано е дека раководител на смена во ЕПОИ Алфа при СВР Скопје, кој бил присутен при контролата на 30.11.2019, не го документирал и не го пријавил на надлежните служби кривичното дело и прекршоците што се случиле во хотелот, туку целосното документирање и пријавување на настаните од 30.11.2019 го организирал на 02.12.2019, и тоа по барање на заменикот началник на ЕПОИ Алфа, со што постапил спротивно на Закон за Полиција.

Воедно, против двајцата полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и профисионални стандарди, поднесени се иницијативи за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.