Акционерски превирања во Стопанска банка Скопје: Малцински акционери тврдат дека се оштетени

Веќе подолг период имателите на приоритетни акции во Стопанска банка бараат да се изврши конверзија на приоритетните во обични акции, но банката која е контролирана од Националната банка на Грција неколкупати го одбива тој предлог.

Имено, во реакција објавена преку Македонската берза, Влатко Ташковски, сопственик и претставник на 43 отсто од приоритетните акции во банката, меѓудругото вели дека Стопанска банка Скопје применува дивидендни политики кои се само во корист на имателите на обични акции, а на штета на акционерите без право на глас.

Се додава дека банката предлагала одлуки така што износот на дивидендата за приоритетните акции за изминативе 19 години се намалил за 83 отсто и не се исплаќала дел од добивката како дополнителна дивиденда на приоритетни акции, како што е утврдено во актот за емисија на акциите на банката.