Започнуваме постапки за избор на најодговорните кандидати за пратеници во историјата на независна Македонија!- изјави синожа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по завршување на седницата на Централниот одбор.
Тој изјави дека процесот на избор за кандидати за пратеници ќе биде транспарентен, инклузивен и професионален со цел да се одберат одговорни, чесни професионални личности, кои уживаат углед и доверба во професиите и во местата на живеење.
– Постапката за избор започнува од базата на партијата, од месните и општинските одбори кои ќе предлагаат и усвојуваат имиња за кандидати за пратеници, а паралелно ќе биде дадена можност и за самокандидирање. Она што е новост во постапката е формирање на работна група кој ќе биде задолжена за креирање на ранг листа на кандидатите за пратеници, а која во својот состав задолжително ќе вклучува надворешни експерти од различни области и ќе одлучува врз основа на строго утврдени критериуми, донесени од страна на партиските органи, изјави Заев.
Конечните листи, согласно статутот ќе треба да бидат потврдени на Конгресот на СДСМ.
– Создадовме услови за независен парламент. Знаеме дека не беше лесно Собранието да се трансформира од место кајшто во 2017 крваво се кршеа пратенички глави, до место во кое се носат закони од интерес на граѓаните, место кајшто се гарантира членството на Северна Македонија во НАТО, место кое е Дом на демократијата, дом на граѓаните, рече Заев.
Тој упати благодарност до актуелната пратеничка група на СДСМ и коалицијата во Собранието која, како што рече Заев, мина низ многу премрежија, која донесе историски одлуки, која со своето работење ја носи државата напред онаму кадешто припаѓа, во ЕУ и НАТО. Тие се пример за тоа што значи да се биде одговорен кон сопствениот народ и сопствената држава.
Исто така упати и огромна благодарност и кон други пратеници надвор од коалицијата кои знаеле да ги стават интересите на државата пред партијата.