„Ербас“ плаќа милијарди евра за корупција

Против европскиот производител на авиони „Ербас“ (Airbus) покренато е обвинение за мито и корупција и кршење на прописите за контрола на извозот.

Европскиот производител на авиони „Ербас“ вели дека постигнал принципиелен договор со француските, британските и американските власти да ги прекинат истрагите против компанијата за обвиненија за мито и корупција и кршење на контролата на извозот.

Француските и британските власти започнаа истрага против „Ербас“ за корупција и сомнителна продажба на авиони во последните десет години, пренесува Ројтерс.

Компанијата исто така се соочува со истрага во Соединетите држави под сомнение дека ги крши американските регулативи за меѓународната трговија со оружје.

„Ербас“ соопшти дека не можат да објават подетални детали за преговорите со властите, како и за сумата што би требале да ја платат согласно спогодбата.

Некои медиуми шпекулираат дека станува збор за скоро три милијарди евра.

Како и да е, акциите на „Ербас“ се зајакнаа откако аналитичарите и брокерите на берзи го поздравија фактот дека компанијата беше во можност да се справи со аферата.

Акциите на „Ербас“ пораснаа за 2,3 проценти.

„Ербас потврдува дека постигнал принципиелен договор со француската Државна агенција за истраги за финансиски и економски деликти и британското биро за измама [СФО], како и со американските власти“, се вели во соопштението на компанијата.

Договорите допрва треба да бидат одобрени од судовите во Франција и Велика Британија, како и од американскиот суд.

„Ербас“ веќе отпушти повеќе од 100 вработени заради непочитување на етичките правила и прописите на компанијата, како резултат на сопствената истрага за сомнителни коруптивни практики од страна на вработените.