На денешното рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци имаше вкрстено испрашување на вештакот Драган Аксентиев, кој посочи дека може да се елиминираат неколку факти: употреба на мобилен телефон од страна на возачот и спиење од страна на возачот, особено во развојот на незгодата во тие четири секунди.
Аксентиев појаснува дека она што можело да му го одзеде вниманието на возачот е некое негово краткотрајно дејство како свртување на главата и горниот дел од телото кон лево кога рацете го пратат тоа движење и воланот се свртува, потоа краткотрајно завртување кон лево и надолу, потоа некое дејство со левата страна, да земе некое шише или нешто и слични некои краткотрајни дејствија кои можат во дел од секунда да му го одземат вниманието на возачот. Исто така, спомнува и за здравствена состојба меѓутоа без да навлегува во тоа, бидејќи таква анализа, вели, е во областа на медицинско вешто лице.
За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројца вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.