Жестока дискусија во Собранието за енормното загадување на воздухот: Заради корупција и неспособност се заборави аерозагадувањето, обвини Данев

На денешната 130-та седница во Собранието на Република Македонија на која се разгледува точката за енормното загадување на воздухот во Република Македонија, еден од предлагачите на оваа информација, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев жестоко ја нападна владата на СДСМ и заменикот министер за животна средина Јани Макрадули, дека сè што ветувале додека била во опозиција, не исполнуваат ништо сега кога се на власт.

Резултатите се следни, посочи тој, и перцепцијата на граѓаните и мислењето на невладините организации велат дека 62,6 проценти сметаат дека власта не се справува со загадениот воздух и додаде дека намалена е довербата на граѓаните во оваа влада при справување со загадувањето.

-После 13 дена Собранието реши загадувањето да го стави на дневен ред, иако се работи за болен и акутен проблем. Министерот е должен пред јавноста да одговори на прашања. Зарем овој проблем не е толку голем за да денеска не е присутен министерот за локална самоуправа? Но, тоа е ваш проблем. Ќе ве прашам кои се луѓето, односно политичарите кои во претходниот период го изјавуваа следново. На 20-ти декември 2013-та година еден политичар или политичарка изјави вака: “Предлагаме веднаш да се предвидат специјален режим на работа за индустриските постројки, кои што придонесуваат за вака големото загадување. А владата преку буџетот и вака создадениот фонд – се мисли дека вие ќе создадете фонд – практично да ги субвенционира тој прометен режим на работа на индустриските капацитети”. Од друг пак политичар, тогаш опозиција сега власт, има изјава ваква: “Права, најитна, приоритетна, алармантна мерка за намалување на загадувањето на воздухот е итната промена на власта”. Ова се мисли на ВМРО-ДПМНЕ. Еден друг исто така истакнат пратеник во тоа време вели вака: “Мерните станици во Битола не работат. А сега во 2019-та година истиот тој кој што сега е заменик министер вели вака: “Со парите во 2019-та година ќе бидат набавени нови инструменти за 18-те постоечки станици за мониторинг. Десет илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор”. Дали е зголемен капацитетот на топлинскиот оператор и ако не е, зошто не е. И уште еден градоначалник денешен тогашен опозиционер ќе каже: ”Токму тоа го имаше предвидено во нашата програма на престојните избори. Гасификацијата ќе биде еден од приоритетните проекти во наредните 4 години. Таа ќе придонесе за намалување на загаденоста во општина Аеродром”. И на крајот легендарната “ајро ајро ајро“ и Аеродром ќе дише чист воздух. Па шетавте и со медицински маски. Каква иронија. Какви се резултатите од мерките што ги преземаат тогашните опозиционери, луѓе кои сега практицираат власт веќе 3 години. Околу инвертор климите и електричните тротинети, Данев рече дека тоа е единствена идеја на СДСМ.

-Дали можат граѓаните да ги користат, бидејќи климите се на струја. Во анкетите цели 69.6 проценти велат дека не се заинтересирани за тие клими, бидејќи се на струја. Значи околу 70 посто од луѓето не се во состојба да ги користат инвертор климите. Невладините пак, велат дека не е реализирана ниту една мерка за почист воздух и велат дека е доцна. Еве денешните резултати. Во Бисер мерните станици покажуваат 155 загаденост, да не зборам за Карпош, за Гази Баба и така натаму. А ќе ве прашам следново, секоја година собирате од граѓаните даноци во висина од 180 милиони евра, а само 10 проценти од тие пари ги користите за животна средина. Кај ви се другите пари господине Јани Макрадули? Го прекинавте проектот “Засадување на дрва”, а кој друг проект вие воведовте? Зошто ги намаливте давачките за петролкоксот? Овозможивте овој енергенс да се употребува во индустриските капацитети, па дури и во цигланите и затоа Струмица е еден од најзагадените градови во државата. Ветивте и метод со кој ќе го испитувате составот на отровните честички. Зошто не го воведовте? Кога од составот ќе се дознае составот, а со тоа и изворот на загадувањето. Во прашање е нестручност и коруптивност со која што е позната оваа влада.

Поминаа три години една соодветна мерка не направивте. Устата полна ви беше гасификација гасификација. Ја раширивте ли? Ја спроведовте ли? Кај ви е трамвајот? Кај ви се електричните автобуси? Арно еден граѓанин вели власта ќе прави автобус Мерцедес “Ќе” и тој ќе биде специјално за владата на СДСМ и ќе го возат во предизборието, заврши Данев.