Тензично на пратенички прашања. Димовски: Задоволен сум што оваа влада се доближува до својот крај

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на денешните пратенички прашања во Собранието се пријави за збор, но наместо да постави прашање до министрите или премиерот Зораан Заев, тој читаше што претходно одговарал Заев.

-Имајќи го во предвид фактот дека ова се ваши претпоследни пратенички прашања и дека имате уште 25 дена како премиер, имав дилема кое прашање да ви го поставам. На прашањето што се поскапе откако сте дојдени на власт, сте ми одговориле дека единствено поскапеле акцизите, но тоа не е точно. Пораснаа придонесите, даноците, цената на водата, воведовте нови патарини… Потоа на друго прашање сте кажале дека ќе има меѓународна истрага за Смиљковско Езеро, за Диво Насље, но тоа не се случи. Кажавте и дека повратокот на ДДВ на годишно ниво ќе биде 90 милиони евра годишно, но сумата е само 4 милиони евра. Сте кажале и дека докторите на почетокот на 2019 година ќе добиваат 100.000 денари плата, сте кажале дека од истиот период сите граѓани ќе добијат бесплатно лекување, а сега само 7% го имаат тоа право, рече пратеникот Димовски.

По долгото образложување и потсетување што некогаш кажал премиерот, пратеникот додаде дека сепак нема да постави прашање.

-Јас денеска нема да го искористам правото да поставам прашање. Задоволен сум што оваа влада се доближува до својот крај, рече Димовски.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски упати критика до пратеникот Димовски, бидејќи ја злоупотребил говорницата.

-Катастрофален однос најпрвин кон вашите колеги пратеници, па потоа кон Владата и претседателот на Владата, рече Мисовски.

По што се створи тензична атмосфера во собраниската сала на што реагираа и координаторите на пратеничките групи.