Амбасадата на САД во Багдад нападната со неколку ракети

Неколку ракети паднаа врз амбасадата на САД во Багдад минатата ноќ, изјавија два извори на безбедносните служби за „Франс-Прес“, а ирачките сили соопштија дека нема жртви.

Новинарите на Франс-прес слушнале две детонации од западниот брег на реката Тигар, каде се наоѓаат повеќето амбасади.

Еден безбедносен извор рече дека три ракети паднале во близина на амбасадата на САД, додека други изјавиле дека паднале пет ракети.

Подоцна, изворот за безбедност изјавил дека три од петте ракети паднале во комплексот на Амбасада, а една од нив удрила во кафетеријата за време на вечерата.

Ова е прв ракетен напад директно на комплексот на американската амбасада во ултра-сигурната Зелена зона во Багдад, која беше редовна цел на ракетирање во последните месеци.

Американската амбасада не одговорила веднаш на прашање на АФП, но ирачките безбедносни сили претходно соопштија дека нема жртви.

Премиерот на Ирак Адел Абдел Махди и претседателот на парламентот Мохамед ал Халбуси го осудија нападот. Махди ја осуди „агресијата“ што „може да го претвори Ирак во воена зона“.

Кон крајот на декември, американски државјанин беше убиен во ракетен напад врз база од американски трупи стационирана во северен Ирак.

Во знак на одмазда, Вашингтон започна воздушни напади на 29 декември во неколку бази на Хезболах – ирачката шиитска вооружена група Хашд ал-Шаби, коалиција на паравоени сили во кои доминираат проиранските фракции интегрирани во редовните сили. Во нападите загинаа најмалку 25 борци на Хезболах, а на 31 декември илјадници нивни приврзаници ја нападнаа американската амбасада.