Од „О2 Иницијатива“ бараат итно да се изгласа во Собранието забраната за увоз на отпад како гориво

Од О2 Иницијатива повторно побараа во најкраток рок да се донесе забраната за увезување на отпад како гориво која е предвидена во Предлог-измената на Законот за управување со отпад, по скратена постапка. Тие вчера со критики до власта и со апел до Собранието, реагираа со фејсбук статус:

„Забраната за увоз на отпад како енергенс не беше ставена на гласање во Собрание во средата, беше прескокната. Причината зошто ја дознавме подоцна, СДСМ барала дополнителни консултации, зошто земјата е потписник на Базелската конвенција, а според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, сите спогодби биле поврзани по принципот на реципроцитет, што не е точно. Претставници на МЖСПП, на чело со заменик-министерот Јани Макрадули ја манипулираат јавноста со заплашување дека ако забраниме увоз на отпад како извор на енергија, опасниот отпад од Охис ќе ни остане, нема да може да го извеземе.

За да ја разбиеме фамата и лажната слика која се претставува, кратка реалност на Базелската конвенција:
👉 Формирана е 1989 со цел да ги спречи развиените земји да ги користат земјите во развој како депонии за нивниот токсичен отпад, за да се спречи т.н. токсичен колонијализам. На конвенцијата и претходеле многу вакви случаи, како истурање на пепелта од инсенератор во Филаделфија на плажа на Хаити, истоварање на 5 брода со 8,000 барели на опасен отпад од Италија во Нигерија, во малиот град Коко за само $100 месечна кирија за земјиштето каде ги оставиле.

👉 На 5 декември 2019 на сила стапи амандманот на кој му требаа 24 години за да стапи на сила, донесен е уште во септември 1995, со кој се забранува извоз на опасен отпад од развиените земји, членки на OECD, ЕК и Лихтенштајн во други земји, земји во развој. Се забранува извоз на отпадот од било која причина, вклучувајќи и за рециклирање, од прични што се смета дека земјите во развој (како нашата) не се во позиција да ја рециклират ни пластиката, ни другиот отпад на безбеден начин, начин кој нема да ја загрози животната средина и здравјето на луѓето. Но, ова важи само за членките кои го ратификувале овој амандман, 98 од вкупно 187 потписнички на Базелската конвенција или за нови членки. Едни од најразвиените држави и членки на OECD, како САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужана Кореа, Израел, Мексико, Нов Зеланд, Естонија или ја немаат ратификувано конвенцијата или амандманот, па за нив не важи ова правило. Како погодно за нив, за да продолжат со токсичниот колонијализам.

👉 Потписничките на Базелската конвенција имаат право да забранат увоз на опасен и друг отпад.

👉 Земјите може да го извезат опасниот и комуналниот отпад ако немаат технички капацитет и потребните инсталации, капацитети или соодветно место за депонирање согласно еколошките стандарди.

👉 Никаков реципроцитет не е потребен.

Неколку примери од регионот, кои ја имаат ратификувано Базелската конвенција:

✔️ Албанија нема рестрикција на извоз на опасен отпад, но има комплетна забрана за увоз на опасен и неопасен отпад. Забранет е транзит на опасен отпад, само неопасен или инертен отпад може да транзитира низ територијата на Албанија.
✔️ Црна Гора извезува опасен отпад зошто нема соодветни услови за отстранување, депонирање, рециклирање, реупотреба и сл. Увозот на опасен отпад е забранет за било какви цели. Забранет е увоз на неопасен отпад за складирање и користење како гориво или на друг начин за производство на енергија.
✔️ Србија има забрана за увоз на отпад со цел да се употреби како гориво, извор на енергија.
✔️ Хрватска забранува увоз на отпад за отстранување и како извор на енергија.
✔️ Чешка забранува увоз на отпад како енергенс.

Секоја земја, соодветно на своите потреби и услови ги носи правилата за извоз, увоз и транзит на отпад.

🤥😲 Ширењето на лажни информации и страв кај граѓаните дека нема да смееме да го извеземе опасниот отпад од Охис и други места, ако забраниме увоз на отпад, од страна на најнадлежната институција, МЖСПП, на чело со Јани Макрадули, не само што нема да доведе до градење на доверба, туку само ни ја потврдува причината зошто немаме доверба во нив, во институциите и нивните претставници. За ваква намерна дезинформација треба да си одговараат за ширење на лажни вести и злоупотреба на функција.

🔵 Пречка за носење на законот НЕМА, не од Базелската конвенција. Да ги видиме утре СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија и другите партии кои изјавија дека ја поддржуваат измената на законот и забраната, дали ќе ја стават точката под број 19 од 130тата седница за гласање во Собрание и ја изгласаат забраната за увозот на отпад како гориво.
Престанете да нè лажете како мали деца и малоумници. Застанете зад вашите зборови и појавете се во Собрание утре, ставете ја точката за гласање и изгласајте ја конечно.“