Денес повторен обид на работните групи да се усогласат за Законот за јавното обвинителство

Партиските работни групи од власта и опозицијата денес во 16:00 часот ќе одржат нова средба во Собранието за Законот за јавно обвинителство.

На средбата се поканети претставници на сите пратенички групи.

Вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека нема да учествуваат во преговорите за Законот за јавно обвинителство доколку не се прифатат нивните забелешки и предлози. Така што сеуште не е потврдено дали претставниците од најголемата опозициона партија ќе учествуваат на оваа средба.

Иако овој закон не е услов за почеток на преговорите со ЕУ, сепак дел од европски претставници изминатиот период споменуваат дека е потребно да се донесе овој закон во сегашниот парламентарен состав.

По серијата неуспешни обиди за договор меѓу валста и опозицијата, прашањето за Законот за јавното обвинителство повторно се актуелизира по неодамнешната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во пресрет на очекуваната одлука за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.