МИЦКОСКИ ГИ ПРОМОВИРА ТРИТЕ СТОЛБА ВО ПРОГРАМАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2020

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средба со граѓаните на општина Центар вчеравечер истакна дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ на престојните изори ќе биде понуда која што ќе содржи во себе стратегија и визија како Македонија ќе изгледа од сега за 10 години, па уште за 10 години. Ќе понудиме нешто кое ќе биде надвор од секојдневието за овие наши балкански услови, ќе биде нешто револуционерно, нешто кое што за прв пат ќе биде понудено во Македонија, истакна Мицкоски.

Тој кажа дека суштината на програмата ќе биде содржана во два дела. Првиот дел ќе биде владеење на правото и бескомпромисна  борба со криминалот и корупцијата и нулта толеранција за корупцијата, а вториот дел ќе биде практично делот кој што ние го насловивме диги Македонија или дигитализирана Македонија, држава која што ќе биде практично единствениот таков пример на Балканот. Целосно дигитализирана држава на Балканот.  Тоа се двете суштински работи кои што ќе ги понудиме на следните предвремени парламентарни избори.

Зошто токму овие две работи кои што можеби вака делуваат помалку невообичаено за една изборна кампања? Затоа што ова се основните два столба врз основа на кои се гради една правна држава, едно правно општество кое што ќе се развива во вистинска траекторија. Бидејќи вие ако имате гарантирање на владеењето на правото, ако имате нулта толеранција на корупцијата, а истовремено имате целосна дигитализација и практично отчетност во процесите без разлика дали станува збор за локалната или централната власт, тогаш ќе имате инвеститори кои што ќе дојдат, ќе имате повеќе пари во економијата, ќе имате повеќе пари во буџетот кои што ќе се акумулираат, а со повеќе пари во буџетот, вие ќе имате поголема можност за инвестиција во образованието, поголема инвестиција во здравството  и во земјоделието, поддршка за пензионерите поддршка за младите за да почнат некој старт ап, да отпочнат некој бизнис во Македонија. Ќе имате повеќе пари за екологијата, ќе имате повеќе пари за јакнење на патриотскиот дух, ќе имате пари за јакнење на третиот столб, а тоа е македонизмот, враќање на македонизмот во Македонија. Тоа се основните два столба на кои што ќе го придодадеме и третиот, а тоа е промоција и враќање на македонизмот назад во Македонија. Но, не македонизмот како ексклузивно право  само на македонската нација, затоа што ние тука сме се родиле сите, без разлика на различната вера, без разлика на различната етничка припадност, сите сме се родиле во Македонија. Тука сме се образувале, тука сме ги поминале нашите животи , тука сме се радувале, тука сме тагувале, и претпоставувам најголемиот дел од нас тука и ќе ги завршиме нашите животи. Единственото нешто што секој од нас и го должи на Македонија е да си го постави прашањето, што можеме ние да направиме за нејзе, а не што може таа да направи а нас. Тоа е македонизмот којшто ние го промовираме и ќе продолжиме да го промовираме, да продолжиме да ја направиме Македонија горда, како за промена, истакна Мицкоски