Како што пренесува британски „Гардијан“, телефонот на Безос бил хакиран откако примил порака преку апликацијата WhatsApp испратена од личниот број на принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед Бин Салман во 2018.

Шифрираната порака од бројот што го користел Мохамед бин Салман се верува дека имала датотека со која се инфилтрирал во телефонот на најбогатиот човек во светот, според резултатите од дигиталната форензичка анализа.

Оваа анализа покажа дека е „голема веројатноста“ дека упадот во телефонот бил активиран од заразена видео-датотека испратена од бројот на саудискиот наследник до Безос, сопственик на „Вашингтон пост“.

Голем број на податоци биле извадени од телефонот на Безос за неколку часа, според лице запознаено со овој проблем. „Гардијан“ нема никакви сознанија за тоа што е земено од телефон или како се користело.

Исто така, тоа би можело да ги поткопа напорите на „МБС“ – како што е познат крунскиот принц – да ги намами повеќе западни инвеститори во Саудиска Арабија, каде што вети дека економски ќе го трансформира кралството, дури и кога надгледуваше казнување врз неговите критичари и ривали.

Исто така, може да доведе до обновување на истрагата за тоа што го правеле крунскиот принц и неговиот внатрешен круг во месеците пред убиството на Џамал Кашоги, новинарот на „Вашингтон пост“, кој беше убиен во октомври 2018 година – пет месеци по наводното „хакирање“ на сопственикот на весникот.