„Сите институции со светлосна брзина изразија подготвеност да ги истражат надоместоците, камо среќа во изминатиов период така да постапуваа по истрагите“ коментира обвинителката Фатиме Фетаи во врска со коментарите во јавноста за износите кои ги добивале надвор од платата.
Таа вели дека дополнителните примања за доверливост во работењето, не ги надминуваат патните трошоци на некои пратеници. Фетаи смета дека се претвориле во магационери и архивари на предметите што се во фаза на истрага, а кои беа преземени од редовното обвинителство.
Платите и надоместоците во СЈО испадна дека се најголемиот криминал во државата, изјави обвинителката Фатиме Фетаи пред рочиштето за случајот „Монструм“.
„Истрагите седат во кутии, и затоа некои осомничени лица за измамнички дејствија и за поттикнување злоупотреби место денеска да бидат во судница на обвинителна клупа, тие мавтаат со лажни бројки и делат правни совети како треба да се води истрагата за надоместоците на обвинителите од СЈО. Има истраги кои се готови, спремни за обвиненија, конкретно зборувам за истрагата ’Моќник’ и за осомниченото лице Антонијо Милошоски“, рече Фетаи.