Ноќ под ведро небо поминаа жители на Драч по разорниот земјотрес. Сите со потресни сведошта за тоа што се случувало на 26-ти ноември во раните утрински часови. Од сон ги будело пукањето и уривањето на нивните домови. Сѐ уште се трага по исчезнати. Бројот на загинати расте. Во Албанија е ден на жалост…
Во шатори, во автомобили, под ведро небо – жителите на Драч на градскиот стадион ја минаа ноќта по катастрофалниот земјотрес. Илјадници луѓе ги загубија домовите. Сите со потресни сведошта. Емотивно раскажуваат за моментот на најсилниот потрес. Ѕидовите пукале, куќите и зградите се рушеле додека сѐ уште биле во постела.
„Куќата ни е урната целосно, каде да одиме? Ќе останеме под ведро небо овде. Успеав само на мајка ми и на тетка ми да им најдам место.“
„Вечер ќе останеме овде додека да се смири ова.“
„Стресе трипати, на крајот удри силно, избегавме, а се урна целиот ѕид. Синот го извлекоа од под бетон. Куќата е уништена, многу лошо сме, немаме каде“, велат жители Драч.
Солидарност пристигнува од регионот и од светот. Војската е меѓу луѓето. Им дели храна и топла облека на жителите на драч кои останаа без своите домови.
„Од страв сме овде, земјата се тресе често… Се плашиме да седиме во куќата.“
„Никакви услови. Немаме каде да се засолниме, девојчето ми е овде, уште немам никаква помош.“
Урнати згради, хотели, испукани ѕидови и улици, ваква слика затекнавме во Драч.
„Имаме многу штета, погледнете одовде, 50 метри зградите се срамнети со земја. Не загрижи тоа што изутрината немаше помош од државата, на децата немаше кој ниту вода да им даде, видете како сме ја замотале мајка ми во ќебе.“
„Додека траеше земјотресот не можевме ни да мрднеме, излговме дури од кога се потсмири малку“- сведочат граѓаните.
Албанија ги брои жртвите од земјотресот. Дестици загинати, стотоци повредени. Тешка е потрагата по преживеани, но сѐ уште постои надеж. Службите за итни случаи продолжуваат да се пробиваат низ остатоците од рушевините, трпеливо и темелно.
Брзата помош од Елбасан во текот на целиот ден пренесуваше повредени.
„Извлековме неколкумина, сега велат се слушаат уште гласови, но ние не знаеме дали се уште има луѓе под урнатините. Овие од специјализираните екипи за извлекување рекоа дека има уште двајца – тројца кои се заглавени внатре.“
„Претходно беа извадени двајца, едниот беше жив, но другиот, за жал, починат“, велат од итната помош.
Во Албанија е ден на жалост. Прогласена е и вонредна состојба во Драч и во Тирана. Преживеаните велат – траумите ќе останат вечно, а уште долго ќе се санираат последиците, изјави за МРТ специјалниот известувач од Драч.