Кристијан Ниневски беше најсреќен меѓу над сто верници кои скокнаа во водите на Вардар по светиот крст на централната манифестација за големиот христијански празник Богојавление – Водици во центарот на Скопје и го извлече крстот од осветените води.
Ниневски и лани го извади светиот крст од водите на реката Вардар.
“Минатата година ми донесе синче, здравје, среќа на мојата фамилија и тоа им го посакувам на сите. Ппосакувам секоја година што поголем број да бидеме и Бог да даде сите да го почувствуваат ова чувство. Икона, библија, крст, ланче добив минатата година како подарок”, кажа пред присутните верници Кристијан.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која присуствуваше на манифестацијата им го честиташе празникот Богојавление на сите христијани и посака среќа, радост и успеси.
– Ова е дел од нашите христијански традиции меѓутоа и од традициите на македонскиот народ којшто секоја година ги ги прославуваме и одбележуваме. Тие се победа над искушенијата и доказ дека ако си издржлив ако си упорен успехот следи. Во овие моменти сакаме да ги упатиме пораките на обединетост, пораките на спокој, радост, среќа и успех во година во која очекуваме добри вести. за нашата татковина. И во тоа име денеска навистина ми беше задоволство со голем број граѓани на Скопје да бидеме тука и да го прославиме овој ден, рече Шекеринска.