Според претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Кирил Колемишевски се очекува инвестициската клима да се подобри особено што сме во период кога се чека пристапување на државата кон НАТО. Тој го издвои  работењето на фармацевтскиот сектор кој во 2018 година имал раст на приходи од 8% во споредба со 2017 година, а над 15% е растот во 2019 година

Македонската берза за хартии од вредност за 12 месеци лани остварила вкупен промет од 7.700.625.682 денари што е околу 124,6 милиони евра и споредено со прометот од 2018 година кога достигна 168,5 милиони евра тоа е помалку за 26,06 отсто.

Најголем дел од тргувањето на македонскиот пазар за хартии од вредност е реализирано во класичното тргување каде е направен промет од  изнесува 4.211.358.704 денари или 68,2 милиони евра. Доколку и овој промет се спореди со истиот во 2018 година исто така се регистрира намалување од 13,86 отсто.

Овие бројки на берзанскиот промет се дел од Годишниот извештај за 2019 година што официјално е објавен на сајтот на Македонската берза за хартии од вредност. Во извештајот стои дека во класичното тргување истргувани се акции во вредност од 3.819.148.938 денари и обврзници во вредност од 358.856.286 денари.

Месеците мај, септември и декември се најпродуктивни во работењето на македонскиот пазар на капитал.

Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ Кирил Колемишевски е задоволен од вреднување на резултатите на компаниите што се дел од  берзата. Тој, анализирајќи ги берзанските резултати, укажа дека  компаниите работат добро и покажуваат позитивни финансиски резултати.

Тој го издвои фармацевтскиот сектор кој во 2018 година имал раст на приходи од 8% во споредба со 2017 година, а над 15% е растот во 2019 година.

-Енергетскиот сектор пак во 2018 година имал раст на приходи од 16%, додека во 2019 приходите во овој сектор бележат раст од 4% – посочува Колемишевски и дополни дека раст има и кај градежните компании, телекомуникацискиот и банкарскиот сектор, како и извозните компании кои котираат на македонската берза.

Колемишевски очекува инвестициската клима да се подобри особено што сме во период кога се чека пристапување на државата кон НАТО. Според него довербата на инвеститорите во Македонската берза се врати и истото се потврдува со вкупен раст на берзанскиот индекс МБИ 10 од 104% за периодот од 2016 до 2020 година.

Берзанскиот извештај вели дека лани имало блок-трансакции кои достигнале 2.4 милијарди денари и се намалени за 53,12 отсто во однос на 2018 година кога изнесувале 5.2милијарди  денари.

Бројот на трансакции лани изнесувал 18.878 и е намален за 21,12 отсто во однос на 2018 година кога се направени 23.932 трансакции. Во инвестирањето на Берзата и лани најмногу учествувале домашните правни и физички лица со над 90 отсто,а странскиот капитал остана како и минатите години на многу ниско ниво.

Најтргувани акции на официјалниот пазар за 2019 година се на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол. Комерцијална банка истргувала 172.042 акции и реализирала промет од 972 милиони денари. Потоа следи фармацевтската компанија Алкалоид со истргувани 66.099 акции и реализиран промет од 628 милиони денари, како и Макпетрол со истргувани 9.353 акции.

Најголем раст на акциите имале Скопски пазар со 187,33, Карпош со 185,23 и Интерпромет-Тетово со 141,94.

Годината што измина на берзата се тргуваше 246 дена при што индексите МБИ 10 и ОМБ регистрираа раст. МБИ 10 затвори на 4.648,89 индексни поени што во однос на 2018 година преставува раст од 34,01 и ОМБ достигна 132,91 што пак е раст од 1,22.