Техничкиот премиер на Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски денеска го прими амбасадорот на Руската Федерација во нашата земја, Сергеј Баздникин.
На средбата премиерот Спасовски на амбасадорот Баздникин му предаде писмо со честитки до новоизбраниот претседател на Владата на Руската Федерација Михаил Машустин.
Спасовски, во писмото до премиерот Машустин, како и на средбата со амбасадорот Баздникин изрази уверување дека двете влади ќе продолжат да соработуваат на натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката меѓу Македонија и Русија, во сите области од заемен интерес.
На средбата премиерот Спасовски го запознал амбасадорот на Руската Федерација со приоритетите на Владата, при што ги нагласил организацијата и спроведувањето на предвремените избори, како и евро-атлантските и европските интеграции.
Премиерот Спасовски истакна дека преодната Влада на нашата земја ги има сите овластувања да обезбеди континуитет на политиките и процесите од интерес на земјата и граѓаните, меѓу кои свое место има и продлабочување на соработката со Руската Федарација, и дека сите отпочнати процеси на дипломатиите на двете земји, особено проектите од взаемен интерес иницирани од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација ќе продолжат да се реализираат согласно договорените планови и динамика.