Аерозагадувањето е наречено тивок убиец. Аерозагадувањето е еден од најважните променливи ризици за здравјето, воопшто. Прим. д-р Соња Петровска, педијатар во клиничката болница „Жан Митрев“, направи листа со дел од болестите што ги предизвикува.

Заболувања на црниот дроб

Живеење покрај големи автопати, каде што е големо аерозагадувањето, е проследено со зголемена преваленца на хепатална стеатоза. Постојат неколку потенцијални причини за поврзаност на аерозагадувањето со такви штетни ефекти на клетките на црниот дроб, преку инфламаторните медијатори, токсичноста врз гените, оштетување на митохондриите и оштетување на други органи, кои секундарно ќе го оштетат црниот дроб. Црниот дроб е главен орган за детоксикација на сите штетни материи што влегуваат однадвор, вклучувајќи ги ПМ-честичките, кои доаѓаат во црниот дроб за да се разградат.

Бубрежни заболувања

Бубрегот, кој е многу васкуларизиран орган, е осетлив на оштетување и на големите и на малите крвни садови, со што води кон оксидативен стрес на ткивото и системски инфламаторни ефекти од аерозагадувањето.

Респираторни заболувања

Аерозагадувањето може да влијае врз секој дел од респираторниот систем и во секоја возраст од животот. Пренаталното изложување на аерозагадување се поврзува со визинг и астма во раното детство. Степенот на развој во текот на детството се намалува при изложеност на аерозагадување, а со тоа и степенот на оштетување на белодробната функција со возраста. Изложувањето на аерозагадување кај деца е поврзано со ризик од појава на астма. Како продолжение на астмата се јавува и ризик од развој на ХОББ, белодробен карцином и хроничен ларингит. Може да биде и фактор за премин од астма во ХОББ.

Заболувања на кожата

Мултицентрична студија покажала поврзаност на аерозагадување со почесто јавување на атописки и уртикариелни кожни промени, дермографизам, себореа (но со намалена честота на првут). Изложеноста на надворешно или внатрешно загадување е поврзана со забрзано стареење на кожата, зависно од изложеноста на сонце, пушење или други фактори.

Алергиски реакции и ринит

Добро е познато дека аерозагадувањето може да предизвика егзацербација на алергиските манифестации кај сензибилизирани лица. Клинички-епидемиолошки студии покажале дека загадувањето може да предизвика кај деца рана сензибилизација и високи вредности на ИгЕ уште во раната возраст.
Има податоци дека аерозагадувањето игра улога и во развојот и во егзацербацијата на алергискиот ринит. Студија кај претшколски деца покажала дека поради изложеноста на загадување од сообраќајот пренатално и во раната возраст имале повисок ризик за развој на алергиски ринит.

Автоимуни заболувања

Загадувањето на средината може да го зголеми ризикот од автоимуни заболувања. Белите дробови имаат огромна површина која доаѓа во контакт со огромен број антигени. Оваа сензибилизација може да ги направи луѓето склони кон автоимуни заболувања. Загадувањето потенцијално придонесува за ревматоиден артрит и системски лупус. Канадска студија покажала зголемена застапеност на ревматоиден артрит во средини со зголемено ниво на ПМ 2,5.

Канцерогеност

Изложеноста на бензени од издувните гасови, особено во пренаталниот период или во првите години по раѓањето, е поврзана со ризик од леукемија во детската возраст. Пренатална изложеност на ПМ-2,5 во текот на бременоста може да го зголеми ризикот за развој на леукемија или астроцитом кај детето.
Дијабетес, обезност и ендокрини заболувања

Се смета дека аерозагадувањето се акумулира во висцералното масно ткиво при транзиција од кафеаво во бело масно ткиво, при што може да се влоши инсулинската резистенција, оксидативниот стрес и системската инфламација.

Деца од Мексико Сити, изложени на високи вредности на ПМ-2,5, имале повисоки вредности на лептин и ендотелин-1 и пониски вредности на глукагон-лајк пептид-1, грелин (хормон на глад) и глукагон, во споредба со лица што не живеат во загадена средина. Лептинот бил силно поврзан со нивото на ПМ-2,5 при кумулативни изложувања. Високите вредности на ПМ-2,5 и озон во средината се поврзуваат со 12-часовна нагла хиперлептинемија, нарушување на апетит-регулаторните пептиди, дефицит на витамин Д и зголемување на ендотелин-1 кај здрави деца. Деца што живеат во области со загадување со издувни гасови имаат повисок БМИ, што може да се должи на метаболни промени, што вклучува и резистенција кон инсулин.

Очни заболувања

Солзење и иритација на очите може да се случи како реакција на иританси на очите и е асоцирано со изложување на озон или азотен диоксид, иако може да дејствуваат и МП кои ја влошуваат состојбата ако изложените носат леќи. Конјунктивитот е најчесто поврзан со изложување на озон и азотен диоксид, иако може да влијаат и ПМ-10 и сулфур диоксид.

Хематолошки заболувања

Уште од 70-тите години е познато дека аерозагадување со олово од бензинот предизвикува анемија. Други загадувачи од издувните гасови може да придонесат до хематолошки заболувања, или со директно навлегување во крвта при вдишување или со активирање на инфламаторни реакции во белите дробови, што резултира со инфламаторни заболувања. ПМ-2,5 создаваат нарушена коагулација преку активација на тромбоцитите и ендотелот на крвните садови со помош на инфламаторните цитокини.

Прочитајте повеќе на Деца.мк