Судот во Рио нареди затворање на сите олимписки објекти

Судот во Рио де Жанеиро нареди затворање на сите преостанати објекти од Олимпијадата во 2016 година, заради недостаток на докази дека се безбедни.

Судијата, прифатил барање од обвинителството во Рио да забрани јавни настани на олимписките места сè додека градската власт не достави валидни докази потребни за користење на местата.

Градските власти соопштија дека ќе ја обжалат одлуката.

Судијата објаснува дека тој решил така „да ја зачува безбедноста на населението“ затоа што сега се организираат настапи и концерти на места каде што се одржувале натпреварите за време на Игрите. Овие објекти се „оштетени и без надзор“ што „во присуство на илјадници луѓе, можат да доведат до трагедии“, напиша судијата.

Инфраструктурата за Игрите од 2016 година, први во Јужна Америка, е остро критикувана за неверојатните цени од 12,5 милијарди американски долари и за скандалите со корупцијата за време на изградбата.

Според обвинителството, бразилската државна управа, одговорна за управување со инфраструктурата на Игрите „престана да постои во јуни минатата година, придонесувајќи за понатамошно влошување на објектите, кражба на опрема, дури и кражба на електрични кабли“.

Забраната особено влијае на Олимпискиот парк Бара да Тијака – „белите дробови“ на Олимписките игри во туристичката област во западен Рио, кои ја вклучуваат, меѓу другото, и „Рио Арената“, тениски центар и велодром.

Забраната го вклучува и Деодоро, популарен кварт, 40 километри северно од Копакабана, каде се одржуваа натпревари со коњи, рагби, хокеј на трева и кајакарство.