Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска одржа прес-конференција во Владата на Република Македонија, на која истакна дека паралелно со првенствената цел на техничката Влада да се организираат слободни, фер и демократски избори, без никаков застој и пречки ќе продолжи спроведувањето на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со навремена и неселективна исплата на субвенциите.
Формирањето на техничката Влада нема да го закочи спроведувањето на мерките коишто се планирани со тековните годишни Програми. Тоа значи дека, согласно планот, и во следниот период Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе продолжи со навремената и неселективна исплата на субвенциите од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2019 година. Исплатите на субвенциите продолжуваат според календарот за исплата, изјави Димковски.
Според него, нема поништување на објавените јавни повици за давање на државно земјоделско земјиште под закуп. Во тек се вкупно четири јавни повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, за коишто рокот за поднесување на потребната документација е до 22 овој месец.
Непречено и согласно динамиката ќе продолжи реализацијата на инвестициите во водостопанската инфраструктура, како што рече Димковски, во моментот во полн ек е изградбата на брани и современи системи за наводнување, како што се браната Конско, системите за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза и Равен-Речица и браната Речани, малите еколошки системи за наводнување и други инвестиции во водостопанството. Овие инвестициите ќе овозможат наводнување на нови над 28 илјади хектари земјоделска обработлива површина.
Врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада, без исклучок, е да обезбедат континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата. Земјоделството е еден клучните двигатели на нашата економија, и затоа сите имаме обврска да работиме на развојот на ова гранка, изјави Димковски.