Собранието на Република Македонија, ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост.
Законот беше поддржан од страна на сите пратеници, како од власта, така и од опозицијата.
Законот таков како што беше предложен ќе беше безпредметен доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не поднесеа амандман со кој се продолжи рокот за овие лица да може да поднесат барање за остварување на надоместокот.
Законот стапува на сила со објавувањето во Службен весник, а стечајните работници од петок да поднесуваат барања во Центрите за вработување за да може да го остварат правото на користење на месечен надоместок од околу 8.000 денари.
Со последните измени опфатот на стечајни работници коишто ќе бидат материјално обезбедени до нивно пензионирање се проширува на уште 1.000 лица.
Од СДСМ велат дека се исправи долгогодишната неправда кон лицата кои останаа без приходи и дека го решиле статусот на стечајните работници.
Според нив со ова вкупниот број на стечајни работници кои се материјално обезбедени изнесува 12.000 лица.
Наспроти негрижата на претходната власт која за 11 години владеење успеа да реши само 4.000 стечајни работници, како што велат во соопштението, СДСМ за 2.5 години материјално обезбеди 12.000 стечајци.