Ново задолжување на граѓаните од 500 милиони денари: Ќе се трошат непродуктивно, обвинува опозицијата

Во Министерството за Финансии вчера беше организирана првата аукција на државни записи за 2020 година на износ од 500 милиони денари со рочност од 12 месеци ново зголемување на јавниот долг.

На ова веднаш со реакција излезе дополнителната заменик министерка Гордана Димитриеска Кочоска, која како што кажа ова е само уште едно задолжување на граѓаните на Македонија за непродуктивни трошења.

„Како што кажав значи државните записи се со рочност од 12 месеци што укажува на тоа дека станува збор на тековно финансирање на трошоци. Оваа власт во заминување и понатаму продолжува да ја задолжува државата.“- изјави Димитриеска Кочоска.
Според нејзи ова ново задолжување ќе го зголеми јавниот долг, а најмногу загрижува фактот што повторно има задолжување за непродуктивни трошења.

Таа праша, зошто имавме денес потреба од ново задолжување поготово што е почеток на годината?

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на ова задолжување, и како што велат оттаму, Зоран Заев и неговите министри одговорни за финансии целосно ја руинираа македонската економија и ја клекнаа на колена. Македонските граѓани никогаш не биле посиромашни. Повеќе од 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија, се борат за парче леб, а денот го минуваат со еден оброк.

Вчера власта ги задолжи граѓаните за трошења кои нема да го подобрат квалитетот на живот, кои нема да ја подобрат економијата.

Годината која Заев ја прогласи за економска, бизнис заедницата ја прогласи за најлоша во историјата на независна Македонија. Компаниите имаа проблеми со ликвидноста, а се намалија и средствата кои бизнис секторот ги плаќа преку даноците. Капиталните инвестиции се на рекордно ниско ниво, а оваа власт во заминување и понатаму продолжува да ја задолжува државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Нема изградба на нови болници, училишта, спортски сали. Нема изградба на нови инфраструктурни проекти. Парите на граѓаните преку криминални тендери и грантови завршија во џебовите на партиски и државни функционери на СДСМ, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во врска со ова задолжување на граѓаните.