Во гостувањето во Македонското радио генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев истакна дека опозицијата со години говори за криминалот и нерегуларностите кои се случуваа во Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева, но и во Јавното обвинителство на Република Македонија.
-Во целиот овој изминат период, повеќе од 3 години укажувавме на сите пропусти, манипулации, нестручно работење кои што се случуваат не само во СЈО туку и во Јавното обвинителство на Република Македонија. Јас разбирам покрај сите работи кои што се случија во изминатите неколку години дека на јавноста и требаше време едноставно да поверува во она што го говоревме и соопштувавме на граѓаните, бидејќи се создаде една ситуација каде што ВМРО-ДПМНЕ како партија и сите ние кои што сме дел од ВМРО-ДПМНЕ помалку или повеќе на некој начин бевме сатанизирани, вели тој.
Сепак потенцира Јанушев, вистината порано или подоцна излегува на виделина и посочува дека ВМРО-ДПМНЕ како партија уште во периодот август-септември повикa на формирање на анкетна комисија која што ќе го испита финансиското работење на СЈО. Тој коментирајќи ги милионските хонорари кои ги земале покрај обвинителите, останатите вработени во СЈО, ангажирани вештаци и соработници посочи дека токму на сведочењата на овие луѓе се креирале случаи против членови на ВМРО-ДПМНЕ за кои од партијата обвинуваа дека станува збор за политички прогон.
-Исто така повикувавме да се испита на кои начин биле ангажирани и вешти лица. И на кој начин и по чиј налог се правени тие вештачења, бидејќи врз основа на тие вештачења во најголем дел се базираа и креираа судските случаеви кои што ги водеше СЈО. Се надевам дека и за тоа за многу брзо време ќе има детали во јавноста, заклучи Јанушев.