Сообраќајот на дел од булеварот „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје е блокиран од изутрина, на потегот кај дирекцијата на Макптерол, поради протест на пазарџиите од Зелен пазар кои бараат намалување на цените за паркинг на Општина Центар.
Пазарџиите од Зелен пазар протестираат заради незадоволство од поскачената цена за паркирањето во општина Центар. Тие бараат цената од 70 денари за еден час да се намали бидејќи е прескапа.
Пазарџиите се жалат дека скапатa цена на паркирањето ги брка и муштетиите. За нив е прескапа и новата цена од 1.500 денари за месечни карти кои досега чинеа 800 денари. Освен ова, тие карти важат само за автомобили, а не и за товарни возила со кои ја донесуваат стоката. Барањето е цената на паркирањето да се намали и на 30 денари и да има еден час бесплатно паркирање во текот на денот за муштериите.
Полицијата ги пренасочува возилата од пред крстосницата кај катната гаража „26 Јули“.
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар” минатата недела донесе одлука со која од 8 овој месец цените за паркинг за еден час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува се зголемија за 20 денари.
Целта, како што појаснија, е да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.
