Снежно невреме во САД: 9 мртви, откажани летови и илјадници без струја

Најмалку девет лица загинаа вчера во голема снежна бура што донесе снег, замрзнат дожд и град во седум држави на САД, откажувајќи повеќе од илјада летови и оставајќи стотици илјади луѓе без напојување со струја од Тексас до Мичиген.

Силни ветришта и град со големина на топки за голф и големи наноси снег паднаа во петокот вечерта и рано сабајлето вчера додека невремето се пресели од Тексас преку  Големите езера до Мејн, соопшти Националната служба за временски услови (NWS).

Повеќе снег се очекува во недела во делови на Илиноис, Мичиген, северен Њујорк и Нова Англија.

Две лица загинаа кога невреме ја уништи нивната приколка во северозападниот дел на Луизијана доцна во петокот, соопшти Кабинетот на шерифот на округот Босиер. Локалните медиуми објавија дека друго лице е загинало во таа држава, откако дрво паднало врз неговат куќа.

Возач на автомобил го загубил животот во Далас кога излетал од патот поради невремемето, јави NBC.

Пожарникар и полицаец загинале во Лубок, Тексас, на замрзнат пат одејќи на интервенција на сообраќајна незгода. Тие исто така излетале од патот.

Уште три лица го загубија животот во округот Пикенс, западна Алабама, објави Си-Ен-Ен, но деталите не се познати.

Околу 200.000 домаќинства и бизниси останале без електрично напојување низ Тексас, Луизијана, Мисисипи, Арканзас, Тенеси, Илиноис и Мичиген.

Огромен број на одложувања и откажувања на летови се пријавени на аеродромот во Чикаго. Повеќе од илјадници летови беа откажани, а стотици одложени.

NWS наведува дека повеќе од 18 милиони луѓе во Луизијана, Арканзас, Тексас и Оклахома се под закана од торнада и поплави.