Иран со признание и извинување за соборениот украинскиот авион

Украинскиот патнички авион што се сруши неколку минути по полетувањето од аеродромот во Техеран случајно беше соборен, поради човечка грешка, изјавија од иранската војска.

Во соопштението на Армијата се вели дека Боинг 737, во кој имало 176 патници и членови на екипажот, бил соборен поради „човечки фактор“, бидејќи авионот летал ниско над чувствителната област на Иранската револуционерна гарда во близина на аеродромот.

Исто така се додава дека сторителите ќе бидат одговорни за овој чин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара „целосно признавање на вина“, опсежна истрага и изведување пред лицето на правдата оние кои се одговорни за соборување на авионот.

Иранскиот претседател Хасан Рухани се извини што го срушиле патничкиот авион на Украинската авиокомпанија и рече дека треба да се преземат правни дејствија против одговорните за оваа непростлива грешка.

Рухани во писмената изјава рече дека иранските одбранбени системи биле во целосна готовност против евентуалните напади од САД, во атмосфера создадена по атентатот на генералот Касем Солејмани.

„Во овие околности, случајното лансирање (на ракета) како резултат на човечка грешка предизвика катастрофа во која загинаа десетици луѓе“, рече Рохани, извинувајќи се.

Тој, исто така, истакна дека ова не е прашање што лесно се разрешува.

“Истрагата за причината и сторителите на катастрофата треба да продолжи, а одговорните за оваа непростлива грешка треба да бидат изведени пред лицето на правдата. Покрај тоа, треба да се преземат неопходни мерки за да се отстранат слабостите во системот за воздушна одбрана на земјата за да не се повторат ваквите катастрофи”. рече Рухани.

https://twitter.com/JZarif/status/1215847283381755914