Парите инвестирани во намалување на загадувањето на воздухот не се трошок за државата, туку заштеда

epa06391210 A view of a building rising over the heavy fog and air pollution that cover Skopje valley in the early morning, in Skopje, The Former Yugoslav Republic of Macedonia, 15 December 2017. According to media reports,second day as Skopje is considered one of the most polluted cities in the world. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нашата држава многу ретко се наоѓа помеѓу првите држави во Европа и светот според одредено рангирање, без разлика дали станува збор за економски раст и развој, квалитет на образование, квалитет на здравство, квалитет на живот и слично. За жал едиствена ранг листа каде што сме помеѓу првите земји во Европа и светот е листата за загаденост на воздухот. Нашите градови рушат рекорди и се помеѓу градовите со највисоко ниво на загадување на воздухот, многу често и први во Европа. Овој податок е поразителен не само за државата, туку и за секој еден од нас, сите ние имаме дел од одговорноста за ситуацијата во која што се наоѓаме.

Денес кога во светот сите зборуваат, дебатираат и имплементираат најразлични мерки и проекти за заштита на животната средина и денес кога во Италија веќе се воведуваат задолжителни часови за климатските промени со цел да се подигне свеста за последиците од негржата за животната средина, кај нас сеуште се дебатира дали и каде треба да се премести одредена депонија.

Ваквиот однос доведе мерните станици на Министерството за животна средина  секојдневно преку зимата да покажуваат дека нашите граѓани дишат воздух со концентрација на ПМ10 честички двојно над дозволената граница согласно регулативите на Европската Унија. Воздухот кој што го дишиме има катастрофални последици по здравјето на луѓето. Загрижувачки се податоците на релевантните светски и европски институции кои покажуваат дека во Македонија илјадници граѓани имаат проблеми со здравје како последница на загадениот воздух. Одделот за животна средина на Обединетите нации заклучи дека жителите на Западен Балкан во просек губат 1,3 години од својот живот поради загадување, затоа што честичките од прав и чад се директно поврзани со кардиоваскуларни заболувања.

Проблемот со загадениот воздух е акутен, сериозен и голем проблем и само со сериозен пристап, волја и финансии може да имаме одредено намалување на загадувањето. Поразително е тоа што од година во година нема никакво подобрувања на квалитетот на воздухот,  иако се спроведуваат голем број на мерки. Тоа говори дека не се вложува доволно во решавање на овој проблем. Мерките не треба да се спроведуваат само преку зимата, туку преку целата година.

Покрај здравјето на граѓаните кое е на прво место овој проблем има сериозни финансиски импликации за државата. Загадувањето на воздухот не претставува само закана по човековото здравје, туку и ризик за државниот и локалниот економски раст и развој. Светска банка неодамна предупреди дека загадувањето ја чини Македонија повеќе од 300 милиони евра годишно, односно 3,2 проценти од БДП. Загадувањето на воздухот има сериозен ефект врз економскиот раст и развој бидејќи ги зголемува трошоците за здравствена нега, ја намалува продуктивноста на работното место и ја зголемува стапката на морталитет.

Загадениот воздух е причина за разноразни срцеви и белодробни заболувања, намален коефициент на интелигенција како и аутизам. Како резултат од загадувањето на воздухот многу работници имаат здравствени проблеми и отсуствуаат од работа, а тоа влијае на продуктивност и чини пари. Доплнително и паричните средства кои граѓаните ги одвојуваат за третирање на овие состојби, како и парите од Министерството за здравство кои што исто така се трошат за решавање на овие проблеми удираат по самата економија. Загадувањето на воздухот претставува дополнителен здравствен трошок кој прикриено ги зголемува државните трошоци и тоа се случува континуирано со години.

Според податоците на Државниот завод за статистика, државата во период од 2015 година до 2017 година од граѓаните и компаниите наплатила над 500 милиони евра даноци за животната средина по најразлични основи или во просек по 180 милиони евра годишно. Според податоците од 2015 година па навака собраните даноци за животна средина се зголемуваат од година во година, но не и инвестираните средства за зашитита на животната средина.

Дококлу се споредат собраните средства од даноци за животната средина кои изнесувале во просек околу 180 милони евра годишно и истите се споредат со само 19-те милиони евра кои се предвидени во државниот буџет за 2020 години во најразлични мерки и проекти, можеме да дојдеме до заклучок дека само 11% од средствата прибрани од даноците за животна средина, се инвестираат и се предвидени за зашитита на животната средина.  

Според препораките на еколошките здуженија, екологистите и сручните лица треба да волжуваме годишно по 100 милиони евра за да видиме сериозно подобрување на воздухот. Овие средства кои што државата ќе ги инвестира во намалување на загадувањето на воздухот нема да биде трошок за државата туку на долг рок ќе претставува заштеда за државата и превентивно ќе делува како заштита на здравјето на граѓаните.

Од една страна загадувањето ја чини државата 300 миилиони евра годишно, од друга страна државата собира годишно даноци за животна средина околу 180 милиони евра, а  од трета страна инвестира само 19 милиони евра годишно за заштита на животната средина. На овој начин не можеме да очекуваме дека ќе имаме видливи разултати и загадувањето на воздухот ќе се намали. 

Можеби овој проблем нема да се реши за една или две години, но доколку се пристапи сериозно, се инвестираат серизони средства и се имплеменитраат сериозни проекти, со сигурност ќе се намали загадувањето на воздухот.  Проблемот со загадениот воздух ги мачел и други поголеми метрополи и држави кои што успеале да се справат со проблемот. Доколку и кај нас има сериозна волја  и решителност пред се кај државата, но и кај граѓаните можеме да го решиме проблемот со загадувањето, да дишиме чист воздух и да се радуваме на зимата.

Сашко Кметовиќ – дипломиран новинар и магистар по корпоративно право