Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен рече дека проширувањето е важно за односите на Европската унија со земјите од Западен Балкан во наредните месеци и вети отворање на преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија.
„Следните месеци се особено важни за нашите односи со Балканот. Хрватска е голем поборник на темата“, рече таа на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по состанокот на европските комесари и хрватските министри во Загреб.
Таа истакна дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб ќе биде многу важен во овој поглед и најави дека на методологијата за проширување ќе се работи во првата половина на годината, бидејќи групата земји, предводени од Франција, го блокираа почетокот на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
„Подобрување на методологијата за преговори“
Претседателката на Комисијата изрази уверување дека тоа не треба да ја спречи ЕУ да започне преговори со овие земји.
„Тие ги исполниле критериумите и ние мора да го исполниме нашето ветување“, рече Фон дер Лејен, додавајќи дека Унијата не треба да ги менува условите сега, туку само да ја подобри методологијата на преговорите.
На прашањето дали новата методологија за проширување ќе ја претстави на самитот во Загреб, таа одговори потврдно.
Хрватска, која се приклучи на ЕУ во 2013 година, инсистира на отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.
Фон дер Лејен смета дека двете земји од Југоисточна Европа ги исполниле условите за почеток на преговорите и дека ЕУ не треба да ги менува сега.
Но, таа додаде дека, со самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај, методологијата на преговорите треба да се подобри, како што побара Париз.
Пленковиќ: Да се обидеме да ја решиме ситуацијата со блокадата
„Треба да предложиме нова методологија пред самитот и да најдеме начин да го задржиме процесот отворен за Албанија и Северна Македонија и да можеме да започнеме преговори“, рече шефот на ЕК.
„Ние сакаме да донесеме нов импулс на проширувањето на ЕУ и, доколку е можно, да ја решиме ситуацијата со блокираните разговори меѓу Албанија и Северна Македонија“, додаде Пленковиќ.
Делегацијата на ЕУ, предводена од претседателот на Европската комисија, е во дводневна посета на Загеб за да го означи почетокот на шестмесечното претседателство со ЕУ.