Рекорден број млади Руси сакаат да ја напуштат татковината

Бројот на младите Руси што би сакале да се иселат од татковината е највисок во последниве 10 години, покажува независната анкета на центарот Левада објавена денеска.

Социолозите предупредуваат дека зголемената спремност на помладите генерации да се преселат во странство ризикува да ѝ наштети на руската економија, додека Кремљ негираше дека тоа е причина за тревога.

Бројот на младите Руси што сакаат да емигрираат бележи нагорна линија во годините откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, кога беше на само 20%, вели Москва тајмс.

Според последните резултати на Левада, 53% од руските испитаници на возраст од 18 до 24 години би сакале да емигрираат. Ова е пораст од 16 отсто за пет месеци и е најголем број на испитаници од 2009 година.

„Младите не го сфаќаат сериозно понудениот развоен модел на државата. Во меѓувреме, нивниот живот не е толку добар како тој на постарата генерација“, вели социологот Степан Гончаров.

„Тие се фокусираат на глобалните канали на ширење на информациите и поверојатно е дека се во некој прекуграничен јазичен и културен простор“, вели Гончаров.

Возрасната група од 25 до 39 години е следната што најверојатно би емигрирала (30 отсто), вели Левада.

Испитаниците изразиле загриженост за иднината на своите деца, за економијата, политичката состојба на Русија и за подобрата медицинска нега во странство, како најголеми причини поради кои размислуваат да заминат.

Одобрувачкиот рејтинг на претседателот Владимир Путин е повисок кај испитаниците што рекле дека повеќе би сакале да останат во Русија отколку кај оние што сакаат да заминат, вели Левада.

Левада го спровела истражувањето меѓу 1.601 испитаник во 50 руски региони помеѓу 26 септември и 4 октомври.26/11/2019 16:34

 Facebook Twitter

Европскиот парламент денеска усвои Резолуција со која повикува на борба против експлоатација, принудните бракови и сексуална злоупотреба на деца.

Европратениците повикаа и на акција во борба против дискриминација и трговија со деца, истакнувајќи го клучниот придонес на децата во борбата со климатските промени во светот.

Резолуцијата е донесена по повод одбележувањето на 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Европратениците го осудија секој вид на насилство и апелираа до сите земји-членки на ЕУ да работат на нови стратегии за искоренување на сексуалното насилство и злоупотребата на децата преку интернет и надвор од него.

ЕП побара од земјите-членки на ЕУ да ги поддржат законите со кои се осудуваат телесните казни за децата.

Европратениците исто така се заложија за решавање на проблемите со кои се соочуваат децата родени без државјанство, како и борбата против дискриминација на децата со инвалидитет, мигрантско потекло, но и децата чии родители се припадници на ЛГБТ заедницата, родители кои се во затвор или припаѓаат на група така наречени „странски борци“.

Со Резолуцијата се повикува сите членки на ЕУ да им гарантираат на децата право на инклузивно образование и едукација за половите и сексуалноста во согласност со годините.

ЕП со Резолуцијата упати апел до сите земји да ја ратификуваат Конвенцијата за правата на детето.