Лидерот на српската партија Двери: Нема трговија со оружје во Србија без Александар Вучиќ

Лидерот и пратеник на српската опозициска партија Двери Бошко Обрадовиќ изјави дека нема трговија со оружје во Србија без согласност на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Дали кој било од вас верува дека (министерот за внатрешни работи) Небојша и (татко му) Бранко Стефановиќ тргуваат со оружје без согласност на Александар Вучиќ? Дали некој верува дека Слободан Тешиќ кој гарантираше за банкарскиот кредит на Српската напредна партија во 2012 тргува со оружје без согласност на Александар Вучиќ?“, праша Обрадовиќ на конференција за новинарите во српскиот парламент.

Тој кажа дека е неопходно да се одговори на неговото прашање дали Тешиќ гарантирал за кредитот на СНС на изборите во 2012 година во подоцна пропаднатата Универзал банка.

„Зошто никој не сака да одговори што му должат и како ги добивал дозволите да тргува со оружје и зошто бил во делегацијата на министерството за одбрана во странство, иако се наоѓа на некои црни листи. Ова се прашања кои мора секојдневно да се поставуваат додека не се одговорат“, кажа Обрадовиќ.

Тој истакна дека аферата за трговијата со оружје не смее да биде заташкана со некои лажни афери, како што, според него, е аферата со рускиот шпион, а кои служат за одвлекување внимание.