Општина Центар ќе плаќа по 1.5 денар за секое рециклирано шише

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ на денешниот Божиќен појадок со медиуми го претстави проектот за одржувањето на јавната чистота преку селективното одложување отпад, собирањето и неговото рециклирање за обезбедување на здрава и чиста животна средина во општината.

Затоа, ЈП ПОЦ и Општина Центар во 2020 година ќе го воведат светскиот тренд во рециклирањето – повратни вендинг машини за пластични и стаклени шишиња со цел да ги мотивираат жителите да се вклучат во овој процес.

До крајот на 2020 година ќе бидат поставени 27 повратни вендинг машини кои локациски ќе бидат распределени низ целата територија на општина Центар.

„Веќе се набавени 9 машини од планираните 27и ќе започнеме со нивно поставување на почетокот на месец март. На овој проект работиме повеќе од една година и сметам дека ќе има големо влијание не само на развојот на нашето претпријатие, туку и за подигање на свеста кај граѓаните од потребата за рециклирање“, потенцираше директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар на почетокот на презентацијата.

Сите жители кои ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад ќе добијат субвенции од општината во замена за пластични и стаклени шишиња односно за секое шише ќе добијат одреден прилив на пари на новата платежна картичка „Green Pay Card“ со која ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и сл, или да плаќаат за услугите кои ги нуди претпријатието.

„За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година и за секое рециклирано шише се обезбедени 1,5 денари, а воедно обезбедени се и средства за останатите 18 повратни вендинг машини. Се надевам дека овој позитивен пример ќе биде еден почеток во кој понатаму ќе се вклучат и другите општини, институции, како и приватни компании, сè со цел Општината, Градот и Република Северна Македонија да ги направиме поубаво место за живеење“ додаде градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.