Лидерот на ДПА Мендух Тачи вчера изјави дека на изборите ДПА ќе настапи сама и додаде дека неговата партија не претпочита предизборни коалиции. Тачи остави отворена можноста за постизборна коалиција со партија кој ќе ги исполни дватa предуслови – ДУИ да не биде дел од новата влада и тој да е вицепремиер.
–Излегов со два предуслови за разговори со идните партнери за постизборна коалиција. Првиот услов е разгледување на можноста ДУИ да не биде дел од новата влада и вториот услов што го бараме е сериозни разговои за функцијата вицепремиер којa треба да ја преземе ДПА, но не формалeн вицепремиер како што е сега, туку еден вицепремиер кој ќе биде директно поврзана со премиерот – изјави Тачи.
Ниту една албанска партија во Македонија не сака да коалицира со ДУИ, ниту Алијанса за Албанците, ниту Беса, ниту Алтернатива, ниту ДПА.
Портпаролот на интегративците за ТВ 21 Османи, вели дека ДУИ нема потреба да коалицира со помалите партии кои според него се обидуваат да се факторизираат споредувајќи се со ДУИ, затоа тие ќе излезат сами на избори.
„Јас мислам дека нема да има потреба од коалиција со албанските партии поради тоа што ДУИ во сите анкети и сите анализи кои ги направивме ние и релевантните институции, покажуваат дека ДУИ ќе добие чист мандат за да ги претстави Албанците во Влада“, вели Бујар Османи од ДУИ за ТВ21.
Другите албански партии кои не сакат да коалицираат со ДУИ, имаат проблеми меѓу себе и затоа не можат да создадат опозициски блок.
Алијанса за Албанците нема добри односи со ДПА, од каде и излезе оваа партија.
Иста е ситуацијата и со Беса и Алтернатива, чиј членови претходно беа заедно, а сега се поделија во две партии.
Од партијата на Зијадин Села, се заинтересирани да направат коалиција Алијаса – Беса – Алтернатива, но засега остануваат со надеж дека Беса и Алтернатива ќе седнат заедно на маса.
Oд Алтернатива на Африм Гаши немаат ништо против коалицирање со Алијансата за Албанците, но одбиваат заеднички настап со БЕСА на Билал Касами.
„Во никој случај Алтернатива и ниту едно партиско тело не би се согласило да седнат на маса со луѓето кои им ја скршија секоја надеж и идеал кај нашите заеднички гласачи”, изјави генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи, за ТВ Алсат.
БЕСА досега не добила сигнал за трилатерална средба.
„Ние сме во редовна комуникација со Алијанса за Албанците, и покрај нашето убедување, за да дадеме шанса го прифативме нивното барање да разговараме за трилатерална коалиција, но сè уште немаме одговор зошто не се случува конкретен повик за трилатерална средба било помеѓу лидерите на трите партии или пак на преговарачките групи“, велат од БЕСА во изјава за ТВ Алсат.