Заев со осуда на говорот на омраза од страна на активисти на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев преку фејсбук статус го осуди говорот на омраза од страна на активисти на неговата партија.

Деновиве за жал видовме засилена употреба на навредлива содржина на социјалните мрежи, што не смее да биде прифатливо за кое било демократско општество, какво што е и нашето.

Во овој важен момент, а пред да започнат предизборните кампањи, ги повикувам членовите и приврзаниците на сите политички партии, вклучително и на мојата СДСМ, како и сите функционери, да бидат одговорни во јавната комуникација, да избегнуваат и да отфрлаат говор кој содржи или може да поттикнува навреди и клевети и секогаш да иницираат суштински дебати по однос на важните прашања, пишува Заев во статусот.

СДСМ е против секаков вид говор на омраза, расизам и ксенофобија во нашата држава. Тоа секогаш остро сме го осудувале и ќе го осудуваме без разлика од каде доаѓа таквиот говор. Тоа, секако се однесува и на говорот кој на каков било начин е антисемитски или така може да се толкува. Ние сме партија предводник на концептот Едно општество за сите – концепт кој ја препознава и признава различноста како водечка сила на нашето општество, се вели во неговиот статус

Фактот што македонската Влада има министерка од еврејската заедница, свои претставници во управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите, а СДСМ има организационен секретар кој беше раководител во Музејот на холокаустот, е само дополнителен бенефит кон градењето заедничко општество, завршува Заев.