Повеќето Швајцарци се спротивставуваат на екстремно десничарската кампања за референдум, со кој се бара укинување на слободата на движење за граѓаните на ЕУ, според анкетата објавена во неделата.
Странците во Швајцарија сочинуваат четвртина од населението и многумина не се задоволни од ова, но наметнувањето ограничувања на граѓаните на ЕУ би претставувало кршење на билатералните договори со Унијата што го олеснуваат пристапот на Швајцарија на европскиот пазар.
Во мај се очекува обврзувачки референдум за тоа дали Швајцарија треба да ја врати контролата врз имиграцијата, доколку тоа е потребно по цена на укинување на Договорот за слободно движење, кој стапи во целосна сила во 2007 година.
Гласањето го бара екстремно десничарската Народна партија, која е најголема во парламентот и има две од седумте места во сојузниот кабинет.
Референдумот се смета за еден вид швајцарски Brexit.
Анкетата за јавното мислење од Тамедија, спроведена преку Интернет на околу 11.000 граѓани низ целата земја, покажа дека 58 проценти од испитаниците се спротивставуваат на предлогот. Поддржана е од 35 проценти, а 7 проценти немаат мислење. Маргината на грешка е 2 процентни поени.
Борбата против референдумската кампања е приоритет на швајцарската влада, која настојува да ги изгради односите со ЕУ со нов план.
Брисел сака Швајцарија да донесе нов договор според кој рутински би ги усвоил правилата на заедничкиот европски пазар и што ќе воспостави поефективна платформа за решавање спорови.
Владата на Швајцарија го одолгвлекува ова прашање, барајќи внатрешен политички консензус за оваа тема, што го налути Брисел и предизвика спор околу прекуграничното тргување со акции.
Овој договор предизвика широко спротивставување на целата политичка сцена, почнувајќи од проевропската централна левица до антиевропска екстремна десница. Критичарите велат дека овој договор ќе го наруши суверенитетот на Швајцарија до таков степен што никогаш нема да помине во парламентот или на референдум.
Анкетата покажала дека 39 проценти од испитаниците сакаат договорот да се преговара, 24 проценти сакаат тој брзо да биде потпишан, а 24 проценти се за да биде отфрлен.
Во 2014 година, Швајцарците го поддржаа воведувањето квоти за имиграција од ЕУ, но парламентот заобиколувајќи ја кризата со Брисел усвои одредби со кои им се дава приоритет при вработувањето на невработените во швајцарци. Ова ја налути Народната партија и доведе до барање за нов референдум.