Мизрахи: Заглавени се дури 8500 предмети за нега на трето лице, ќе се формира Комисија за работата на министерството

Сиромаштијата во Македонија секојдневно вртоглаво расте. Сликата која ја гледаме низ македонските улици е реалноста која ја живеат граѓаните на оваа држава.

Деца питачи, злоупотреба на детската заштита, руинирани градинки, злоупотреба на социјалната помош, хаос во домашната нега, мобинг во јавната администрација – тоа е фактичката состојба за животот во Македонија, рече министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи на денешната прес конференција.

Мизрахи обвини дека нема економска година и прав пат како што ветија, но има лицемерни тендери два дена пред техничка влада и партиски вработувања.

Министерствата се на граѓаните, а не на партиските центри.

„Од овој момент натаму, празните зборови се минато. Јас не можам да направам промена на светот за три месеци, но ќе се потрудам она што е мој домен да не наликува на изминатите три години“, рече Мизрахи.

Ние можеме и имаме ресурси за функционираме подобро.

Имам сознанија дека се заглавени дури 8500 предмети за нега на трето лице, меѓу народот познато како „туѓа нега“. Ве молам туѓа нега е навистина непристоен назив, рече таа.

На овој проблем посебно ќе се ангажирам, рече Мизрахи, според чии информации вели дека постојат сомневања за злоупотреби и неосновано одземање на истата од граѓаните на кои им е најмногу потребна.

„На таквите поплаки и реакции мора да се одговори. Ќе биде темелно прочешлано на кој начин и како се дадени согласностите за нега на трето лице, но и на кој начин се одземани и не се доделувани овие права. 8500 заглавени предмети укажува на тоа дека системот не функционира, дека има луѓе на кои им е потребна помош во овој момент, а не ја добиваат“, истакна Мизрахи.

Таа изјави и дека во јавноста се прави манипулација со опфатот на деца во предучилишно образование. Беше кажано дека до 50 проценти ќе се зголеми опфатот на деца од предучилишно образование. А пред некој ден, беше изнесено дека ќе има дури и 100 % зголемување на таа иста бројка. Не само што не стигна до 100 проценти, туку реалните бројки се далеку помали.

Заради тоа, на нејзина иницијатива ќе се формира Комисија која ќе направи ревизија на сработените работи и ќе ги утврди сите неправилности кои се направени изминатиот период.

„Од Министерство на проблеми, мора да станеме Министерство за решенија. И конечно би ве замолила идеолошките разлики мора да престанат да бидат причина за омраза и оцрнување. Да се престане со обиди за подбуцнување на граѓаните преку имагинарни проблеми, имаме реални проблеми за решавање.Тимот на ова министерство се и секогаш ќе бидат граѓаните на Република Македонија“, заврши министерката за труд Рашела Мизрахи.